На денешен ден, 16 јуни 1943 година, бил извршен Ваташкиот масакр, еден од најтешките злосторства во Македонија за време на Втората светска војна. Во месноста „Моклиште“, бугарскиот фашистички окупатор стрелал 12 младинци од селото Ваташа, на возраст од 15 до 27 години.

Масакрот бил извршен во рамките на Јунската непријателска офанзива, чија цел била да се спречи подемот на народноослободителното движење во Македонија.

Селото било блокирано од војската и полицијата

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди од Третата оперативна зона, три полка на бугарската војска и полициски одреди, под команда на полковникот Љубен Апостолов, започнале офанзива за уништување на партизанското движење. Акцијата траела од 7 до 16 јуни, а била насочена и против мирното население.

Кулминацијата на прогоните се случила на 16 јуни 1943 година, на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори. Претходната вечер низ Ваташа се проширила информација дека жителите следниот ден не треба да одат на работа бидејќи во Кавадарци ќе се одржи парада.

Утрото селото било целосно блокирано од војската и полицијата. На жителите не им било дозволено да излегуваат, а оние што тргнале на работа биле враќани во своите домови.

Младинците биле однесени во „Моклиште“

Во раните утрински часови, неколку младинци и девојки биле приведени во селската кафеана, каде што биле сослушувани и малтретирани. Тие биле членови на СКОЈ и тајно им помагале на партизаните, но биле предадени на окупаторските власти.

Според сведоштвото на Стева Илиева од Кавадарци, кметот ги собирал младите од нивните домови според однапред подготвен список со имиња и презимиња.

Од нив било барано да признаат дека на 1 мај биле заедно со партизаните во месноста „Моклиште“ и дека им помагале. По распитот биле ослободени еден младинец и една девојка.

Останатите, наредени во колона и под силно воено обезбедување, биле однесени во „Моклиште“. Девојките биле одвоени, додека врз момчињата бил отворен оган. Најмладиот меѓу убиените имал само 15 години.

Еден од младинците, непосредно пред да биде убиен, ги изговорил зборовите: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“

Во „Билтенот“ на Главниот штаб на НОВ и ПОМ од септември 1943 година биле забележани суровоста на злосторството и малтретирањето на жртвите. Поручникот Борис Костов, кој раководел со акцијата, им се заканил и на преживеаните девојки.

Откако му било соопштено дека акцијата е завршена, полковникот Љубен Апостолов изразил задоволство од постапувањето на војниците.

Одговорните биле осудени, подигнат спомен-парк

Две години подоцна, Народниот суд во Народна Република Македонија ги осудил на смрт главните организатори и учесници во злосторството: полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Борис Костов и подофицерот Петко Опреков.

Тие претходно биле предадени од новата бугарска влада на југословенските власти за да им се суди како на припадници на фашистичкиот окупатор.

Стрелачкиот вод што учествувал во масакрот бил целосно уништен на 13 јули 1944 година од два баталјона на Втората македонска ударна бригада кај селото Страмашево.

Во спомен на 12-те ваташки младинци била изградена спомен-костурница, откриена на 11 октомври 1961 година. На нејзиниот јужен ѕид е испишана пораката:

„Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“.

На местото каде што биле стрелани младинците е подигнат спомен-парк на површина од седум хектари, во кој се засадени 12 јавори како симбол на нивните животи.