Со изведување материјални докази од страна на Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Презентирани дозволата за работа и списокот на вработени
Обвинителството презентираше докази поврзани со агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“. Доказите се однесуваат на обезбедувањето на објектот во кој работела дискотеката „Пулс“, планот за надзор, како и на обврските што биле или не биле преземени.
Во судницата беа презентирани дозволата за работа на агенцијата и списокот на нејзините вработени.
Обвинителството изведе и фотодокументација, како и докази обезбедени при претресот на канцелариите на „Рубикон“, меѓу кои и одземена документација.
Одбраната побара изземање на дел од доказите
На почетокот од рочиштето, Судот му достави на Обвинителството предлог од одбраната на обвинетите Александар Нацев и Јане Јанчевски да не бидат изведени доказите од анализата за присуство на метаболити во крвта и урината на обвинетите, оценувајќи ги како незаконски и нерелевантни.
Одбраната посочи дека овој доказ навлегува во приватната сфера на обвинетиот и го постави прашањето за неговата релевантност, бидејќи бил обезбеден три месеци по трагичниот настан, а Нацев не бил присутен на местото во критичниот момент.
„Се противам на изведувањето на овој доказ како нерелевантен за предметот, бидејќи не утврдува факти што се значајни за кривично-правниот настан“, изјави адвокатот на Нацев.
Од Обвинителството, пак, наведоа дека доказот бил обезбеден врз основа на наредба од Основното јавно обвинителство Скопје и со писмен допис од 27 јуни 2025 година бил доставен до ОЈО Кочани.
„Овој доказ е обезбеден на законит начин и е предложен во рамки на доказите за обвинението против Александар Нацев“, образложија од Обвинителството.
Судот побара постапката да продолжи со изведување на останатите докази, по што дополнително ќе се произнесе за предлогот на одбраната.
Салиу: ДЗС не била известена дека објектот постои
Обвинетиот Шабан Салиу, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, изнесе забелешка во врска со доказите презентирани на претходното рочиште.
Тој истакна дека не бил изведен ниту еден доказ од кој би произлегло дека како директор на ДЗС во периодот од 2012 до 2017 година можел да претпостави дека во објектот на дискотеката „Пулс“ ќе се случи настанот за кој е обвинет.
„Од изведените докази произлегува дека инспекциски контроли можеле да се вршат исклучиво врз објекти за кои ДЗС била известена дека постојат. ДЗС не била известена за постоењето на објектот ‘Пулс’“, изјави Салиу.
Тој додаде дека од доказите не произлегува оти директорот на ДЗС имал законска обврска да распореди инспектор за заштита и спасување во Општина Кочани.
Адвокатот на обвинетиот Аднан Џаферовски изјави дека истите наводи важат и за неговиот клиент, со таа разлика што Џаферовски ја извршувал функцијата во периодот од 2017 до 2021 година.
Судењето продолжува во доказна постапка, со изведување материјални докази предложени од Обвинителството. Постапката ја води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
