Тешки обдукциски наоди презентирани во судница

Во судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ беа презентирани едни од најтешките материјални докази – повеќе од 60 писмени извештаи од извршените обдукции. Наодите од судска медицина откриваат тешка слика за последните моменти на жртвите, од кои голем дел биле на возраст меѓу 16 и 25 години. Во извештаите се наведува дека смртта кај сите настапила насилно.

Повеќето жртви починале од јаглерод моноксид

Читањето на обдукциските наоди потврдило дека најголемиот број од жртвите не починале од пламените јазици, туку од густиот и отровен чад кој за кратко време го исполнил просторот. Кај повеќе од 50 лица, како причина за смртта е утврдено труење со јаглерод моноксид.

Меѓу жртвите кои настрадале на овој начин се наведени повеќе имиња, меѓу кои Јорданчо Џамов (31), Иван Трајчев (24), Џоко Ѓорѓиев (24), Ивана Антова (21), Павел Христовски (20), Драгана Минова (16), Филип Ивановски (16), Димитар Иванов (16), Леонид Велков (17), Надуца Наунова (17), Сара Јорданов (17), Матеј Марковски (18) и други.

Стампедо, задушување и дополнителни жртви

Дел од обдукциските извештаи укажуваат и на хаосот што настанал при обидот за бегство. Кај четири лица е констатирана смрт од компресија на градниот кош, што укажува дека биле згмечени во толпата. На овој начин настрадале Стефанија Алексова (19), Диме Димитриев (31), Сара Алексова (21) и Моника Спасова (26).

Кај други жртви е утврден апсолутен недостаток на кислород, додека кај дел се забележани термички оштетувања на дишните патишта. На рочиштето беа презентирани и дополнителни извештаи за лица кои починале подоцна, по лекување во странство, меѓу кои Александар Глигоровски (29), кој починал од последици од труење со јаглерод моноксид, и Стојанче Стефанов (24), кој им подлегнал на тешките изгореници.