На следното рочиште треба да биде сослушан бизнисменот Силјан Мицевски, кој е последен од сведоците предложени од Обвинителството.
Претходно, на денешното рочиште сведокот Адријан Амзовски, кој е еден од сопствениците на фирмата Дрим билдинг Струга, рече дека за проектот со старачки домови дознал преку Александар Димитровски, кој му кажал дека постојат три проекти со Меѓународен сојуз, по еден во Струга и Охрид и еден во општина Карпош, за кој што тие се одлучиле.
– Според договорот Меѓународен сојуз требаше да го обезбеди земјиштето за градба. Ние, откако го потпишавме договорот имавме обврска да платиме 25 отсто или 16,1 милион денари фактура на авторски договор на Јасна Мандиќ. Уплативме 15 милиони денари одеднаш и рестото подоцна. Потоа требаше да чекаме Меѓународен сојуз да обезбеди земјиште, да не ослободи од комуналии, ама од тоа не бидна ништо. После истекот на рокот од 180 дена побаравме да ни се вратат парите, изјави Амзовски.
Сведокот рече дека, од тие пари Бојан вкупно му вратил 155 илјади евра, во период од неколку месеци.
Бизнисменот Ресул Лога, во својот исказ, рече дека за проектот за изградба на домови за стари лица требало да платат 350 илјади евра во готово и 16,1 милион денари на фактура.
Лога, кој бил менаџер на поранешната компанија „Дрим билдинг”, рече дека соработката со „Меѓународен сојуз” била преку неговиот партнер Адријан Амзовски.
– Проектот беше за меѓународни домови за стари лица. Од разговорите ни беше кажано дека треба ние да платиме за да го добиеме тој проект. Требаше 350 илјади евра во кеш и 16 милиони и 100 илјади денари на фактура на проект по авторски права на Јасна Мандиќ, рече сведојот Лога.
Во проектот, сведокот рече,дека се приклучил затоа што го разгледал и му изгледал како профитабилен.
Случајот го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица,
обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.