Владата на денешната седница го усвоила предлогот судијата Ненад Савески да биде нов државен јавен обвинител објавија повеќе медиуми.

Следниот чекор е негово финално изгласување во Собранието на Република Македонија, каде што за избор се потребни најмалку 61 глас.

Ненад Савески ќе дојде на местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември минатата година.

Претходно за оваа позиција се пријавија пет кандидати, а Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење за четворица од нив: Анита Тополова-Исајловска (сегашна вршителка на должност), Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески.

Ненад Савески доби позитивна оценка од сите десет членови на Совет на јавни обвинители.

Се очекува одлуката официјално да ја соопшти портпаролката на Владата Марија Митева, на прес-конференција.

 

Кој е Ненад Савевски, предлогот на Владата за нов Државен јавен обвинител

 

Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца.

Тој е магистер по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ Скопје, каде ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.

Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во тој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.

Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ и на УСАИД.

Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.

Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и за кривично право.

Тој е автор и коавтор на трудови за: посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.

Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.