Во тешка речна несреќа се повредени најмалку 32 лица, кои веднаш биле пренесени во болница по судир меѓу танкер и патнички брод.
Американските медиуми пренесуваат дека крузерот „Американ Херитиџ“, кој пловел по реката Мисисипи, пристигнал во пристаништето во Њу Орлеанс и патниците почнале да се симнуваат од него, кога од засега непознати причини во него удрил танкер за нафта.
По силниот судар, крузерот, на кој имало вкупно 129 патници и околу 20 членови на екипажот, целосно се превртел. Брзите спасувачки екипи интервенирале на терен и успеале успешно да ги извлечат сите луѓе од водата.
Градоначалничката на Њу Орлеанс, Хелена Морено, на официјална прес-конференција соопшти дека сите патници и членови на екипажот се спасени од превртениот брод.
„Од нив, 32 лица се пренесени во болница, но никој од нема критични повреди“, изјави Морено, нарекувајќи го настанот „чудото на Мисисипи“.
Крајбрежната стража на Соединетите Американски Држави по инцидентот соопшти дека овој дел од реката е целосно затворен за секаков вид пловен сообраќај.
Засега не е официјално познато како точно дошло до несреќата, а гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, изјави дека веќе е во тек активна и детална истрага за судирот на реката.
„Сакаме да се осигураме дека оваа истрага ќе биде спроведена темелно и дека точно ќе дознаеме што се случило, за да можеме да ги решиме проблемите и да гарантираме дека Мисисипи ќе остане многу безбедно место“, истакна Лендри.
