Уставниот суд упати критики кон, како што наведува, обидите за партизација и политизација на неговата работа, оценувајќи дека одредени политички партии ги користат одлуките и меѓународните активности на Судот за дневнополитички цели.
Во соопштението од Судот се наведува дека унапредувањето на меѓународната соработка било ставено во политички контекст и искористено за партиски пресметки и стекнување политички поени.
Од Уставниот суд посочуваат дека меѓународната соработка останува една од стратешките определби на институцијата, а како дел од активностите ги наведуваат потпишаните меморандуми за соработка со Уставниот суд на Косово, Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет и Уставниот суд на Србија.
Во соопштението се додава дека Судот годинава претседава со Балканскиот форум на уставни судови и учествува на значајни меѓународни настани.
„Уставниот суд останува доследен на својата уставна надлежност и независност. Судот нема да подлегне на какви било политички притисоци, влијанија или обиди за дискредитација“, се наведува во реакцијата.
Од Судот ги повикаа политичките фактори да покажат поголема уставна и политичка култура и да не ги водат партиските конфронтации, како што велат, на сметка на владеењето на правото и институциите задолжени за заштита на уставниот поредок.
Уставниот суд посочи и дека се недозволени квалификациите дека неговите одлуки се „неуставни“ или „незаконски“, нагласувајќи дека според член 112 од Уставот, одлуките на Судот се конечни, извршни и општозадолжителни.
Во реакцијата се наведува и дека за Судот не се релевантни имињата на улици, училишта или инфраструктурни објекти, туку дали одлуките за нивно именување се донесени во законски пропишана постапка.
Како пример за, како што наведуваат, независно постапување, Судот ги посочува одлуките поврзани со законитоста на постапката за преименување на улици во општина Чаир.
Од Уставниот суд апелираат до сите политички чинители да покажат одговорност во јавната комуникација и да се воздржат од, како што велат, ширење невистини и манипулации кон институцијата која е чувар на Уставот и уставно-правниот поредок.
