Јанкулоска доби признание за повреди на правото на правично судење
Европскиот суд за човекови права започна постапка по предметот поврзан со повредите на правото на правично судење во случајот „Тенк“. Предметот се однесува на поранешната министерка Гордана Јанкулоска и набавката на блиндираното возило за Министерството за внатрешни работи.
Судот побара од македонските власти објаснување за предметот, со оглед на тоа дека Јанкулоска немала пристап до целокупниот материјал што го користело Обвинителството за нејзиното судење.
„Иако поминаа речиси пет години од поднесувањето на апликацијата пред Судот, а јас издржав неправедна драконска казна, и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од Европскиот суд овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција“, изјави Јанкулоска.
Првостепено, таа беше осудена на шест години затвор, но Апелација ѝ ја намали казната на четири години.
