Судскиот Совет од утре под европски мониторинг,- пристигнува оценската мисија во Скопје. На чело на тимот експерти, кои ќе го чешлаат македонското правосудство е Бранко Хрватин поранешниот Претседател на Врховниот суд во Хрватска.

Хрватин ќе остане следните два дена во земјава. Ќе ја стартува мисијата на Брисел која има цел одблиску да ги скенира состојбите во Советот, а потоа и да предложи мерки за зајакнување на независноста и кредибилноста на ова тело.

– Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испита институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството. – Делегација на ЕУ во РСМ.

Оценската мисија доаѓа во период кога земјата е под засилен мониторинг за евроинтеграциитеособено во делот на реформите правосудството. Во пресрет на мисијата, Министерот за правда Кренар Лога денеска одби да одговара на какви било новинарски прашања.

Мисијата треба да заврши во септември Скога тимот експерти од земјите членки на Унијата повторно ќе допатуваат во Македонија. Оценувачката мисија на ЕУ неодамна ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир по низата скандали и превирања во Судскиот совет. Од советот пак, порачаа дека членовите се подготвени на соработка со експерти, но се пожалија и на „изложеност на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања“.

Случувањата во Судскиот совет во последниве месеци предизвикаа загриженост не само кај домашните туку и кај меѓународните институции. Од Европската комисија пред неколку дена за ТВ 24 изразија особена загриженост за последните случувања во Судскиот совет и порачаа дека „Советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и да биде заштитен од несоодветно влијание“.

Последните анкети покажаа дека судството и обвинителството имаат доверба од само 2,7 отсто кај граѓаните.