Поранешниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиески вели дека станува збор за голем скандал, за обид 10 докторанти да се „протуркаат” со плагијат трудови. На Илиески му е познат случајот, но наведува дека тоа не е сѐ – плагијатство и други незаконски случувања има и не само на Тетовскиот универзитет.

-Точно е, има една недела како не сум повеќе декан на Медицинскиот факултет во Тетово. Суспендиран сум од страна на ректорот на Тетовскиот универзитет бидејќи не го прифатив неговото барање самиот да поднесам оставка, а за причини што тој ги наведуваше, кои немаат правна основа. Фактите ги наведов во жалбата што ја поднесов до Државниот просветен инспекторат. А што е причината? Моите настојувања да им се стави крај на неправилностите и скандали кои избувнаа во последно време, за кои во последните три години се залагав да бидат решени и надминати, нагласи проф. д-р Кастриот Хаџиреџа.

Навраќајки се на темата на разговорот, Хаџиреџа вели дека му укажале менторите на докторските кандидати дека еден број од докторантите немаат квалитетни трудови, односно, дека се плагијат. За плагијатите на Тетовскиот универзитет, потсетува, пишува и во истражувачката сторија на публикацијата „Веритас“ каде се наведени примери на уште седум лица од наставниот кадар на овој Универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат. Со други зборови, користеле туѓ научен труд во голема мерка, претставувајќи го како свој.

Денес е лесно и аматер да утврди дали некој труд е плагијат, вели Хаџиреџа и додава дека на интернет преку пребарувачот на „гугл“ може бесплатно да се преземе програма во која потоа внесувате некој труд и тој веднаш ќе ви даде одговор на вашите дилеми и стравувања.

За жал, нагласува Хаџиреџа, плагијатството зема замав во Македонија и се потсетува колку труд бил потребен некогаш за лично унапредување, навраќајќи се во спомените кога тој докторирал на Загрепскиот универзитет.

-Ако имаме правна држава, тогаш Државниот просветен инспекторат ќе реагира на мојата жалба. Правото умира оној момент кога самиот не си го бараш, вели Хаџиреџа.

На случајот со суспендирањето на Хаџиреџа во разговор за МКД.мк укажува и неодамна пензионираниот државен просветен инспектор Ѓорги Илиески кој претходно минуваше вистинска голгота низ државните институции укажувајќи на незаконско научно унапредување на функционери во Владата од редот на ДУИ, бидејќи нивните работни места на Тетовскиот универзитет во тоа време беа во мирување.

-Ректорот вршеше незаконски притисок врз Хаџиреџа затоа што тој не сакал да дозволи незаконски унапредувања, воедно грижејќи се и за угледот на Универзитетот. Да се украде туѓ научен труд е кривично дело и мора да подлежи на санкции. А кога тоа ректорот го дозволува и инстира да се ‘протуркаат‘ кандидатите и тој прави незаконско дело. Ректорот треба да даде оставка, а Државниот просветен инспекторат нема друг избор освен да реагира во овој случај. Ако не реагира, тогаш значи дека правната држава ја нема, туку на сцена се партиските и други слични интереси, вели Илиески и нагласува дека станува збор за голем скандал.

Во изјава за ТВ Клан в.д. деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Невзат Елези вели дека „пишувањето на порталите за овој случај е скандалозно, а публикацијата ‘Веритас’ своите наоди требало на вистинска адреса да ги упати“.

-За овој случај немав претходни сознанија, можеби не ги проследил мојот претходник, а на функцијата сум неколку дена, вели Елези и упатува на наделжните органи, притоа нагласувајќи дека треба подлабока анализа за да се утврди дали нешто е плагијат или надоврзување на веќе познати научни содржини.

Според поранешниот државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиески, и овој случај е резултат на партизираното општество. Вели, еден е премиерот на државата, но паралелно со него имаме и еден друг „премиер“, лидер на партија на Албанците, па затоа и правната држава не функционира, а поделеното општество, според перцепцијата за корупцијата, но како држава, е на дното на светската неславна листа.

На Универзитетот во Струга има 800 ненострифицирани дипломи. Овие податоци тој ги доставил до МВР, но потоа никаква реакција не се случила иако за тоа и лично бил информиран министерот за внатрешни работи. А да биде поапсурден случајот, вели Илиески, по сознанијата на МВР случајот бил истражен и потоа со фактите Министерството било известено дека индициите биле вистински.

-На пример, градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко е вонреден професор со ненострифицирана диплома добиена во Нови Пазар, Санџак, Србија, укажува Илиески.