Германската авиокомпанија „Луфтханза“ денеска соопшти дека откажала десетина долги прекуокеански летови за време на божиќните празници поради „масовното зголемување“ на боледувањата меѓу пилотите. Откажани се летовите за Хјустон, Бостон и Вашингтон.

Од авиокомпанијата наведуваат дека не можат да шпекулираат дали за тоа се одговорни инфекциите на Ковид-19 или карантинот, бидејќи компанијата не добила известувања за видот на болеста.

Патниците, како што е соопштено, биле пренасочени на други летови.

Во САД, комапниите „Делта ерлајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“ тврдат дека морале да откажат десетици летови за Бадник поради недостаток на персонал по заразување со сојот омикрон.

– Ненадејното зголемување на бројот на заразени случаи со омикрон оваа недела, имаше директно влијание врз нашиот екипаж. Како резултат на тоа, за жал, моравме да откажеме некои летови и да ги информираме патниците пред нивното пристигнување на аеродромот, се наведува во соопштението на „Јунајтед ерлајнс“.

Авиокомпанијата соопшти дека откажува повеќе од 100 летови и работи на промена на резервациите на што е можно повеќе луѓе.

Од „Делта“ порачуваат дека денеска откажале околу 90 летови поради можноста од лоши временски услови и влијанието на омикрон варијантата на Ковид-19, откако компанијата ги „исцрпела сите опции и ресурси“.