СВР Куманово поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против 25-годишниот Т.Б. од Куманово, поради основано сомнение дека извршил кривично дело „убиство“ по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

– Во периодот од 27.01 до 12.02.2026, осомничениот во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жртвата, жена родена во 1947 година, објаснуваат од МВР.

Жртвата живеела сама и била стара и немоќна. Кога осомничениот влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот. – Тој физички ја нападнал и ѝ нанесол повеќе удари, од кои жената починала, наведуваат од СВР Куманово.

Интензивни координирани дејствија на Одделот за криминалистичка полиција, ОЈО Куманово, истражниот центар и екипите на Институтот за судска медицина довеле до обезбедување докази кои укажуваат на поврзаност со неколку други слични случаи во кумановско.

– Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото, се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител, изјавија од МВР.

За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, а од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК, кои сега се вештачат.

Истражните органи продолжуваат со сложени вештачења и анализи, како и други активности за обезбедување докази, но деталите не можат да бидат објавени поради тајноста на постапката.

Осомничениот веднаш по откривањето е лишен од слобода, обезбеден и по предлог на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор. – Наредено е и психијатриско вештачење од тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје, додаваат од МВР.