Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус рече дека бројот на жртвите во пандемијата на коронавирусот повторно се зголемува, варијантата Делта станува доминантна и многу земји сè уште немаат добиено доволно дози на вакцини за да ги заштитат своите здравствени работници.

– Варијантата Делта се шири низ светот со застрашувачка брзина, што доведува до нов пораст на инфекции со Ковид-19 и смртни случаи, рече Тедрос, истакнувајќи дека е многу заразна варијанта, најнапред откриена во Индија, а сега во повеќе од 104 земји.

Тој смета дека глобалниот јаз во снабдувањето со вакцини е крајно „нерамномерен и неправеден“.

– Некои земји и региони всушност нарачуваат милиони дополнителни дози пред другите земји да обезбедат за да ги вакцинираат своите здравствени работници и најранливите, предупреди Тедрос.

Тој ги издвои производителите на вакцини „Фајзер“ и „Модерна“ како компании кои имаат за цел да обезбедат дополнителни вакцини на земјите кои веќе имаат висока стапка на вакцинација.

„Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бионтек“ минатата недела најавија дека ќе побараат одобрување од европските и американските регулатори за вакцинација за трета доза што ќе го зајакне имунитетот шест месеци по вакцинацијата.