Светската здравствена организација изјави дека напорите за вакцинација против Ковид-19 во Европа се „неприфатливо бавни“, со оглед на новиот бран и идни мутации со позаразна форма на вирусот.

Д-р Ханс Клуге, директор за Европа при СЗО, издаде соопштение со кое посочува дека „Континентот мора да го забрза процесот на производство, да ги отстрани административните бариери, и да го искористи секој фармацевтски погон“.

Бројката на новозаразени ширум Европа падна под еден милион пред само пет недели, но од СЗО алармираат дека оттогаш, има 1,6 милиони нови случаи и речиси 24.000 починати.

Директорот за Европа од СЗО посочи дека одвај 10% од жителите во Европа ја примиле најмалку првата доза, а само 4% се целосно вакцинирани.

Напорите за масовна вакцинација во Европа беа забавени со контрадикторните вести околу вакцината на АстраЗенека.

Франција, Германија и Шпанија најавија дека го ограничуваат вакцинирањето поради загриженоста дека предизвикува згрутчување во крвта, иако Европската агенција за медицина не пронајде, научни докази да ги поддржи рестрикциите.

Во меѓувреме, Фајзер – БиоНТек најави дека нивната вакцина продолжува да биде ефикасна против Ковид-19 до шест месеци по целосната вакцинација. Тоа го покажале испитувањата врз 44.000 волонтери.

Според друго истражување, вакцината е 91% ефикасна против вирусот и дури има поголем процент на заштита против сериозна форма од Ковид-19.