Светската здравствена организација (СЗО) повика на целосна забрана за продажба на живи животни на традиционалните пазари на храна во обид да се запрат идните епидемии на болести како коронавирусот.

СЗО ги повика сите влади да ја прекинат трговијата со „живи уловени диви животни од видови цицачи“ заклани и продадени покрај друга храна за да се намалат јавните здравствени ризици.

Организацијата претходно бараше да се подобрат условите на пазарите на живи животни, но предупреди дека може целосно да се прекине снабдувањето со храна.

Потеклото на коронавирусот, поради кој сме во пандемија повеќе од една година, беше лоцирано во пазар во Вухан каде се продаваше супа од лилјаци. Поради ова, од СЗО сметаат дека и во иднина ќе треба да бидеме повнимателни со купување улична храна, особено поради фактот дека вирусите мутираат и дека за неколку години сосема друг сој на коронавирус може да се појави и да ја предизвика истата опасност.

– Животните, особено дивите животни, се извор на повеќе од 70 проценти од сите нови заразни болести кај луѓето, од кои повеќето се предизвикани од нови вируси, се наведува во соопштението.

Апелот на СЗО следуваше по заедничката студија на СЗО и Кина за потеклото на Ковид-19, објавена во извештај минатиот месец, во кој се наведува дека пазарот на кој се продаваат и живи и мртви животни е веројатно изворот на пандемијата.

Секако, тие не сметаат дека овие пазари треба да се затворат, туку да се поработи на воведување стандарди и услови во кои може да се оствари продажба на овој тип на производи.