Министерот за здравство Арбен Таравари денеска објави дека директорот на Општата болница во Куманово, Стефан Трајановски, е разрешен од функцијата. Одлуката доаѓа по увид во извештајот на Државниот санитарен инспекторат.  Извештајот  утврдил сериозни пропусти во работата на болницата.

Таравари ја соопшти одлуката за време на посетата на семејството на 32-годишниот Ведат Адеми. Тој почина на 17 март по примање терапија во кумановската болница.

Министерството веќе разгледува неколку кандидати од редовите на јавната здравствена установа во Куманово, а новиот директор ќе биде назначен утре.

„Го прочитавме извештајот и констатиравме дека има основа за разрешување. Министерството формираше професионален тим кој ќе ги разгледа сите документи пред тие да бидат предадени на обвинителството“, изјави Таравари.

Тој нагласи дека секој што има одговорност – било во управувањето со институции, било во лекувањето пациенти – мора да сноси последици доколку се утврдат пропусти.

Во врска со конкретните неправилности, министерот рече дека тие најпрво ќе бидат доставени до надлежните институции, пред да бидат објавени во јавноста.

Министерството за здравство утре ќе го соопшти името на новиот директор на Кумановската болница.

Извор: Курир