Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците, потврди за Канал 5 дека дефинитивно излегува од коалицијата „Вреди“, но во исто време најави дека останува дел од Владата. Дали неговата одлука ќе предизвика дополнителни промени во владиниот состав ќе се знае наскоро, откако тој најави разговори со премиерот Христијан Мицкоски.

Во изјавата, Таравари не даде прецизен одговор околу можната соработка со ДУИ, што предизвика сериозни реакции кај поранешните коалициони партнери.

Претседателот на Беса, Биљал Касами, смета дека излегувањето на Таравари од „Вреди“ нема да ја загрози владината стабилност. Тој дури посочи дека постојат разговори со политички фактори од опозицијата, кои може да го засилат парламентарното мнозинство.

„ Слушнавте дека и самиот Таравари кажа дека не е подготвен да излезе од владината коалиција, но од друга страна има понуди, барања и разговори со други политички фактори од опозицијата кои се подготвени да бидат дел од владиното мнозинство. Така да, ценам дека оваа ситуација нема да ја разниша Владата, напротив – владиното мнозинство ќе биде уште поголемо. “ – Биљал Касами – претседател на БЕСА

Од партијата ЗНАМ, која е дел од владејачката коалиција, велат дека учество на функционери кои преговараат со ДУИ е неприфатливо. На извршниот одбор што се одржал синоќа, било заклучено дека Таравари веќе нема место во партнерството доколку продолжи во таа насока.

„ Секој што има преговори зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ, за движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во кое учествува ЗНАМ. Превирањата во ВРЕДИ не се закана за владејачкото мнозинство, во моментов коалицијата функционира тековно и без никакви застои. “ – Никола Мемов – портпарол на ЗНАМ

Според политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи, актуелната ситуација покажува политичка незрелост, а продолжувањето на учеството на Таравари во Владата, со можност за соработка со ДУИ, директно ја удира основата на владините приоритети.

„ Очигледно нешто го предомислиле него. Така што излегувањето од коалицијата Вреди и неговата изјава дека ќе оди со сите партии, односно ќе соработува во вториот круг тоа покажува дека е незрел политички. Ако тој продолжи во Владата, а потоа по локалните избори коалицира со ДУИ, огаш тоа ќе биде спротивно на целта на Владите кои владата ги има како проекти кои треба да ги спроведува во нашата држава. “ – Љуљзим Фаризи – политички аналитичар

Од Владата за Канал 5 изјавија дека ситуацијата бара одмерени одлуки, но потенцираат дека мнозинството и Владата се стабилни и дека засега нема закана за владејачката структура.

Арбен Таравари потврди дека излегува од коалицијата „Вреди“, но останува во Владата, најавувајќи разговори со премиерот. Партнерите од Беса и ЗНАМ сметаат дека неговата позиција е нејасна, додека Владата уверува дека нема криза и дека парламентарното мнозинство останува стабилно.