Пред две недели по првиот круг на претседателските избори на градскиот плоштад во Тетово прославуваше ДУИ, а вечерва славеа членовите и симпатизерите на Коалицијата ВЛЕН (Вреди). Стотици од нив со возила ги преплавија тетовските улици во центарот на градот, а на плоштадот, како по традиција кога се слави некоја победа, се ечеа гласните звуци на зурлите и тапаните, а неизбежен беше и огнометот.
Од коалицијата ВЛЕН велат дека иако очекуваат да имаат помалку гласови, таа разлика со ДУИ очекуваат да биде минимална поради што ваквиот резултат го сметаат за нивна победа и можност да бидат дел од идната Влада.
Арбен Таравари вели дека очекувал ваков изборен резултат и е убеден дека ВЛЕН ќе биде дел од идната Влада.
„Сите наши анализи покажуваа дека разликата ќе биде еден или два пратеници, колку што тие имаа гласови од малцинствата. Инаку кај Албанците дефинитивно ВЛЕН има легитимитет. Следниот чекор е да седнеме и да се договориме за идната влада“, посочи Таравари.
Во центарот на Тетово, покрај голем број членови и симпатизери на ВЛЕН кои неколку часови славеа, забележливо беше и присуството на специјалните единици на полицијата, чија задача беше да спречат да не дојде до несакани конфликти помеѓу приврзаниците на ДУИ и ВЛЕН.