За еден месец од формирањето на Работниот тим за сузбивање на недозволената трговија со дрога, полицијата запленила 43,3 килограми марихуана, 693,37 грама кокаин, 691,34 грама амфетамин и други наркотични средства, а привела или лишила од слобода 241 лице. Во акциите бил пресечен и меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничниот премин „Деве Баир“.
Во истиот период биле запленети и 141,42 грама хашиш, 50 грама халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД-таблети, 14 таблети МДМА и 116 пакувања со растителна, прашкаста и грутчеста материја, кои се испратени на вештачење. Полицијата поднела 21 кривична пријава против 29 лица, извршила 131 претрес на домови и други простории, 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица.
На подрачјето на СВР Скопје, покрај дрогата, биле пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштоли и шест дигитални ваги. Според МВР, пронајдените предмети упатуваат на организирано извршување на кривични дела и ќе бидат користени како материјални докази во натамошните постапки.
Во рамките на активностите бил пронајден и повторно лишен од слобода 41-годишен жител на Кочани по кого била распишана меѓународна потерница. Тој претходно избегал од полициска станица, каде што бил задржан поради сомнение за недозволена трговија со дрога.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека активностите ќе продолжат со засилени контроли, координирани акции, финансиски истраги и меѓународна полициска соработка.
