Трагедијаата во која беше прегазена Фросина Кулакова продолжува да биде главна тема. Тодор Кулаков, таткото на прегазената Фросина Кулакова, синоќа во емисијата Тема на денот на ТВ Сител, раскажа за трагичната ноќ на булеварот „Партизански одреди“, кога неговата ќерка го загуби животот.
Таткото за последните моменти на Фросина Кулакова
„Ние живееме во Дебар Маало, тоа е на само 200 метри од местото на несреќата. Како и секоја вечер, Фросина излезе да го прошета кучето. Веќе сите знаат дека таа беше моден дизајнер и оваа недела имаше најмногу ангажмани во Париз“, изјави нејзиниот татко Тодор Кулаков.
Фросина водела сосема нормален живот, а излегувањето со кучето било дел од нејзината секојдневна рутина.
„Одеднаш слушаме сирени од Брза помош, паника, пискотници… Сопругата ѝ ѕвони, но таа не одговара. Ѕвонам јас – исто. Кога родител ќе му се јави на своето дете, а тоа не се јавува, знаеш дека нешто не е во ред… Погледнуваме низ прозорецот и гледаме 20 полициски возила, специјалци… страшни сцени“, низ солзи раскажа Кулаков.
Кулаков за возачот кој ја усмрти Фросина
„Не знам дали е судбинска иронија, но откако ја прегазил мојата ќерка, возилото го паркирал точно пред нашата зграда“, откри Тодор Кулаков.
Камбовски: Ова е општествен проблем, не само судски
Продолжуваат протестите за трагедијата во која животот го загуби Фросина. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски истакна дека овој случај е само симптом на поголем општествен проблем.
„Ова не е само прашање на благи казни и судски постапки. Ова е проблем на целото општество. Сите треба да размислиме што можеме да направиме за вакви трагедии да не се повторуваат“, изјави Камбовски.
Ќе се испитува работата на судијката во случајот
Претседателот на Судскиот совет беше прашан и за одлуката на судијката Даниела Алексовска Стојановска во случајот со Васил Јованов, возачот кој ја усмрти Фросина.
„Случајот ќе се разгледа, и доколку се утврдат пропусти, ќе има санкции. Судскиот совет внимателно следи, но тоа не значи дека автоматски ќе отвориме или нема да отвориме постапка против судијката. Ќе треба да се направи детална анализа и да се разговара со неа за да се утврдат сите факти“, изјави Камбовски.
На прашањето дали казните за вакви дела се прениски, тој даде одговори:
„Не би рекол дека казните се прениски, но треба да ја анализираме судската пракса – дали судовите почесто одлучуваат за минимални казни или не.“