Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) продолжува да изнесува обвинувачки детали за македонскиот режисер Милчо Манчевски, за кого тврдат дека лажно се претставува како „укажувач на корупција“ во македонската филмска дејност и како жртва на „политички прогон“.
Филмот „Врба“ од 2019 година, со тегобна и тажна тематика, на Милчо Манчевски му донел многу голема финансиска среќа. И не би било ништо спорно, ако тој заработил со филмот, преку дистрибуција, продажба, киноприкажување, логична заработка по примерот на европските и светските режисери. Но, за Манчевски златната кокошка секогаш се народните пари, овдешните македонски, тврди ДФРМ, пренесува Плусинфо.
Манчевски си потпишал договор со самиот себе
Од македонскиот дел од буџетот на филмот, во висина од 1 милион и 350.000 евра, пари директно финансирани од џебот на граѓаните преку Агенцијата за филм на РСМ (АФРСМ), во џебот на Манчевски завршиле речиси една третина. За сценариото наплатил 62.500 евра, за режија 163.88 евра, а се потпишал и како продуцент со 40.000 евра хонорар – или вкупно 266.389 евра. Но, тоа не е се`.
ДФРМ тврди дека со директен трансфер Милчо Манчевски префрлил уште 88.000 евра од државните пари на својата фирма „Милкман“ во Њујорк. Оваа негова компанија во САД е регистрирана на негово име и негова адреса – вклучително и преку неа, за овој филм тој за себе наплатил вкупно фантастични 354.000 евра!
– Или, попрецизно, Манчевски потпишува договор со самиот себе и од својата македонска фирма „Банана филм“, си префрлува средства на својата фирма „Милкман“ во САД. Согласно договорот кој е склучен со неговата овдешна фирма „Банана филм“, неговата друга фирма од САД тој ја вклучува и во продукцијата на проектот „Врба“ и пак со нејасни парични трансакции и тоа, внимавајте, за „развој на проектот“. За „развој на проектот“, ама ова откако проектот е завршен и оттука прашањето – каков е тоа „развој“ кога филмот е завршен и што потоа „развивал“ Милчо Манчевски? – прашува ДФРМ.
Се истражува „молзењето“ на народните пари преку „Милкман“
Притоа, интересен е фактот што неговата американска фирма „Милкман“ не фигурира, воопшпто не се спомнува во првите три извештаи кои се доставени во АФРСМ после снимањето на филмот, но се јавува во графата на конечниот извештај по завршување на премиерата на филмот. Во тој извештај стои дека кон „Милкман“ се реализирани исплати за „развој на филмот“ во висина од 4.920.000 денари.
– И според правилата и според праксата, сите трошоци настанати за подготовка на филмот се поднесуваат во првиот извештај за финансиското работење со државните пари. Како и зошто неговата фирма во САД „Милкман“ „развива“ филм по неговото завршување, е мистерија за која и надзорните органи се изјасниле дека не е логична и случајот станува предмет со кој се занимаваат македонските истражни органи – тврдат од ДФРМ.
Понижувањето на колегите соработници и актери – најголем срам во историјата на македонската филмска продукција
Во филмската фела, тврдат од ДФРМ, хонорарите на Манчевски се доживуваат како лудост, а понижувањето на колегите соработници и актерите на кои тој буквално им фрла само по некоја стотка и нивните хонорари се повеќе од стократно пониски од оние на Манчевски, е најголемиот срам во историјата на македонската филмска продукција.
Целиот текст на ПЛУСИНФО