На онлајн средбата со министерката за образование и наука Мила Царовска информираа дека постапуваат согласно заедничкото решение на Владата и Сојузот на средношколци за спроведувањето на завршниот испит.
– Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици, рече министерката Царовска.
Обврска на матурските предметни комисии е да подготват испитни задачи по секој предмет и да ги објават најдоцна три седмици пред полагањето. Од тие испитни задачи потоа се изготвува тестот за интерните испити.
Директорите на средните училишта информирале дека целосно ќе бидат спроведени сите безбедносни и заштитни мерки за полагање на матурата. Министерката Царовска била информирана и за текот на наставата како и за другите активности поврзани со воспитно-образовниот процес.