Во текстот од уредбата за енергетска криза има голема грешка токму во делот со кој се регулираат ограничувањата односно рестрикциите, објави Телма.
Во членот 7 кој ги регулира мерките кои се преземаат во став 1 алинеја (2) стои: ограничување на потрошувачка на електрична енергија во согласност со член 10 од оваа уредба.
Во посочениот член 10 всушност нема никакво објаснување туку е завршна одредба со која се укинува претходната Уредба од 2012-та година.
За откриеното информиравме и прашавме во надлежните институции и првичното објаснување е дека најверојатно станува грешка, но ќе биде проверено, објави Телма.
Од друга страна ограничувањата се регулирани во членот 9, па може и да се претпостави дека станува збор за техничка грешка.
Мерки што се преземаат во случај на кризна состојба
Член 7
(1) Заради создавање услови за рационално користење на електрична енергија во услови на кризна состојба, во зависност од проценките од член 5 од оваа уредба, може да се преземаат следните мерки:
1) мерки утврдени во плановите од член 4 став (6) точка 5) од оваа уредба,
2) ограничување на потрошувачка на електрична енергија во согласност со член 10 од оваа уредба и…
VI. Завршна одредба
Член 10
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба престанува да важи Уредбата за
критериумите и условите за прогласување на кризна состојба, начинот на снабдување со
електрична енергија во овие услови, мерките што се преземаат во случај на кризна
состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетски
дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/12)
Името на уредбата целосно изгледа вака:
УРЕДБА ЗА КРИТЕРИУМИТЕ И УСЛОВИТЕ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА КРИЗНА СОСТОЈБА ВО СЛУЧАИ НА ВРЕМЕНСКИ И ПРИРОДНИ НЕПОГОДИ, ХАВАРИИ И НАРУШУВАЊА НА ПАЗАРИ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, НАЧИНОТ НА СНАБДУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ВО КРИЗНА СОСТОЈБА, МЕРКИТЕ ШТО СЕ ПРЕЗЕМААТ ВО СЛУЧАЈ НА КРИЗНА СОСТОЈБА, КАКО И ПРАВАТА И ОБВРСКИТЕ НА НОСИТЕЛИТЕ НА ЛИЦЕНЦИ ЗА ВРШЕЊЕ НА ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИ ДЕЈНОСТИ