Опасен повеќедневен октомвриски топлотен бран ја зафати речиси цела Калифорнија, поради што се издадени предупредувања за високи температури за повеќе од 35 милиони луѓе во Соединетите Американски Држави, пренесуваат денеска американските медиуми.

Според „Еј-Би-Си њуз“ (ABC News), се очекува температурите да се искачат и до 20 степени над просекот за овој период од годината. Тие денеска во поголемиот дел од Калифорнија достигнаа над 32 степени, а во одделни области надминаа 38 степени Целзиусови. Топлотниот бран се протега од северна Калифорнија – вклучително и заливската област на Сан Франциско – па сè до границата со Мексико.

Максималната температура ќе достигне дури околу 40 степени во центарот на Лос Анџелес и 39,5 степени во Бејкерсфилд, додека во Сан Диего и Сакраменто ќе се искачи значително над 32 степени. За Лос Анџелес и Сан Диего и натаму важи предупредувањето за екстремни горештини, а соодветни предупредувања се издадени и за Сан Франциско и Сакраменто. Предупредувањата за екстремни горештини во јужна Калифорнија остануваат во сила до четврток во 20 часот по локално време.

Метеоролозите предупредија дека во одделни делови на Калифорнија, особено во урбаните средини, дури ни топлите ноќи нема да донесат речиси никакво разладување.

Истовремено, на американскиот Југ, предупредувањата за можни поројни поплави остануваат во сила на подрачјето од југоисточна Луизијана до јужна Џорџија, вклучувајќи ги и градовите Њу Орлеанс, Мобил, Талахаси и Брансвик. Метеоролозите дополнително предупредуваат дека поројните врнежи би можеле да предизвикаат значителни поплави и во одделни делови на јужен Тексас.