Македонската тенисерка Сара Митевска се повреди во третиот сет и го предаде четвртфиналниот меч против Германката Милена Стеинкамп на Европското првенство за тенисерки до 16 години што се игра во Парма.

По победата во првиот сет со 6:4, Митевска незгодно падна и го повреди коленото за време на тај-брејкот во вториот сет, кој германската тенисерка го доби во тесна завршница и го изедначи резултатот во сетови.

Во текот на мечот, македонската натпреварувачка два пати побара медицинска помош, а при резултат 1:1 во сетови и 3:2 во гемови за противничката, на почетокот од третиот сет, имаше вообичаено бандажирање на десното колено, по што одлучи да не продолжи со игра.

Со пласманот меѓу осумте најдобри на континентот и прикажаните игри, Сара Митевска уште еднаш потврди дека е ветувачка иднина на македонскиот женски тенис. Особено значајна беше нејзината победа во осминафиналето против првата носителка, Романката Марија Поп, една од најдобрите тенисерки до 18 години во светот.