За само неколку часа се очекува да се избере новата влада, а на дводневната расправа за изборот на новите министри и во македонскиот и во албанскиот кампус е „жешко“.

СДСМ со обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ

Жестока дебата и многу критики и обвинувања од СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Во прилично напната атмосфера продолжи седницата за избор на новиот состав на владата и програмата предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Пратениците од власта и од опозицијата и денеска се надмудруваа кој, колку направил во изминатите години.

Лукаревска и Стојаноски во клинч

Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ со обивнувања за тоа „како магично ги снемало проблемите во државата напоменувајќи за проблемот со пасошите“, а пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски возврати дека тоа е заради способноста на техничкиот министер. Стојаноски исто така најави дека првите законски предлози на новото владејачко мнозинство ќе бидат за даночни олеснувања и поволности за пензионерите.

ДУИ и ВЛЕН со обвинувања за „министерство за заедниците“

Во албанскиот политички кампус жестоко беше за изборот на Иван Стоилоковиќ како минситер за однос меѓу заедниците. Од ДУИ со обвинувања дека тој е проруски оритентиран, а од ВЛЕН пак велат дека истиот Стоилковиќ е пратеник од 2002 година, а оттогаш во неколку наврати коалиционен партнер на ДУИ.

Дали програмата на ВМРО-ДПМНЕ е реална?

ВМРО-ДПМНЕ вели за нова квалитетна програма која уште од првиот час ќе започне да се реализира. Мандатарот Мицкоски најави прва инвестиција веќе во вторник. Со ова програмата на ВМРО-ДПМНЕ излгледа доста реална и дека навистина пратениците „ќе ги засукаат ракавите“. Опозицијата пак, критикува дека предложената програма била нереална, но и пофалија дел од решенијата, како оние во даночната сфера, во дигитализацијата, во обновливите извори на енергија, во културата, земјоделството.

До полноќ седницата треба да заврши

Седницата треба да заврши најдоцна до полноќ што значи дека од утре, 24-ти јуни, новиот премиер и министрите треба да започнат со работа. Дебатата во Парламентот за изборот на новата влада започна вчера. За таа да биде избрана потребни се 61 глас „за“.

Кој ја сочинува новата влада?

Новото парламентарно мнозинство е составено од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и ЗНАМ. Се очекува лесно да биде избрана новата влада предводена од Христијан Мицкоски кој ќе стане за првпат премиер на Македонија.