Поставување семафор на крстосницата на булеварот „Борис Трајковски“ со улицата „Саса“, уредување на автобуските постојки и подобрување на уличното осветлување се меѓу главните барања што жителите на Пинтија ги изнесоа на синоќешната отворена средба со градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и претставниците на општинските сектори.
Работниот состанок е дел од циклусот теренски посети на месните и урбаните заедници низ Општина Кисела Вода, чија цел е граѓаните директно да ги соопштат своите предлози, идеи и потреби.
Средбата започна со оценување на активностите реализирани во изминатиот период. Присутните го поздравија асфалтирањето на улицата „Саса“, како и редовното одржување на јавната хигиена, парковите и детските игралишта во населбата.
Како особено значаен проект беше посочена изградбата на новиот објект на урбаната заедница Пинтија. Изградбата веќе е во завршна фаза, а објектот наскоро треба да им биде предаден на користење на граѓаните.
Жителите позитивно ја оценија и реализираната програма за субвенционирање печки и пелети, нагласувајќи ги нејзините економски и еколошки придобивки за домаќинствата.
Во продолжение на средбата се разговараше за тековните проблеми и за идните активности во населбата. Граѓаните ставија посебен акцент на сообраќајната безбедност и комуналното уредување.
Како приоритетно барање беше наведено поставувањето семафор на крстосницата на булеварот „Борис Трајковски“ со улицата „Саса“. Жителите побараа и целосно уредување на сите автобуски постојки по должината на булеварот, со поставување соодветни настрешници и клупи.
Меѓу барањата се и асфалтирање на кракот на улицата „Саса 14/3“, нивелирање на легнатите препреки низ населбата и засилување на осветлувањето во паркот, на детското игралиште и на уште еден крак од улицата „Саса“.
Граѓаните предложија и детските катчиња да бидат збогатени со нови реквизити наменети за најмладите жители.
Сите предлози и посочени проблеми биле детално евидентирани од стручните општински служби, со цел да се изготви план за нивно ефикасно решавање.
Од Општина Кисела Вода информираат дека теренските посети ќе продолжат и дека со нив ќе бидат опфатени сите месни и урбани заедници на нејзината територија.
