Започна судскиот процес за терористичкиот напад врз концертната сала Крокус во Москва

Под силни безбедносни мерки, денеска започна судскиот процес против 19 лица обвинети за терористичкиот напад врз концертната сала „Крокус“ во околината на Москва, во кој животот го загубија 149 луѓе, а 609 беа повредени.

Одговорноста за нападот што се случи на 22 март 2024 година во Красногорск ја презеде фракција поврзана со Исламска држава. Четворица вооружени напаѓачи отворија оган врз присутните што чекале да започне концерт на позната рок-група, а потоа и ја запалија зградата.

Рускиот претседател Владимир Путин, заедно со други високи државни претставници, ја посочи Украина како вмешана страна во нападот, иако не беа приложени конкретни докази. Украинските власти остро ги отфрлија ваквите обвинувања.

Во јуни, Истражниот комитет на Руската Федерација – највисокиот орган за кривични истраги – објави дека нападот бил „планиран и извршен во интерес на актуелното раководство на Украина“, со цел предизвикување политичка нестабилност во Русија. Во истиот извештај беше наведено дека четворицата напаѓачи се обиделе да ја напуштат Русија и да избегаат во Украина по нападот.

Четворицата осомничени, државјани на Таџикистан, беа уапсени неколку часа по масакрот и беа изведени пред Московскиот суд со видливи траги од сериозно физичко малтретирање.

Според информациите на Комитетот, во текот на оваа година дополнително се обвинети уште шест лица – во отсуство – и се ставени на список на барани лица. Обвиненијата против нив се однесуваат на регрутирање и воена подготовка на напаѓачите. Преостанатите девет обвинети се товарат за логистичка поддршка и поттикнување на терористичкиот напад.

Поради разгледување класифицирани материјали и поради загриженост за безбедноста на сите инволвирани, вклучително и на обвинителот, судењето ќе се одвива зад затворени врати. Сослушувањата се очекува да продолжат до среда.