Русија објави, без да обезбеди докази, дека Украина била во контакт со Велика Британија во врска со можноста за развој на нуклеарно оружје. Во објава на Телеграм, руското Министерство за одбрана ги повтори коментарите на високи функционери од Кремљ дека Украина планира напад со „валкана бомба”.
Тие тврдат дека канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски била во контакт со претставници на Обединетото Кралство за можноста за добивање технологија за создавање нуклеарно оружје.
„Украина за тоа има соодветна производствена база и научен потенцијал“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана.
„Значи, во Украина има компании од нуклеарната индустрија кои имаат залихи на радиоактивни супстанции кои можат да се искористат за создавање на ‘валкана бомба’“, тврди тој.
Треба да се напомене дека таканаречените валкани бомби не се нуклеарно оружје, туку конвенционални експлозиви измешани со радиоактивен материјал.
Украина не поседува нуклеарно оружје, се откажа од она што го наследи од Советскиот Сојуз во 1994 година. Од друга страна, Русија има огромни резерви на нуклеарни боеви глави.