Британскиот актер Том Харди моментално е најголем фаворит за улогата на негативецот во новиот филм за Џејмс Бонд, во кој Роберт Патинсон ќе го игра агентот 007. Според британската обложувалница Корал, коефициентите за Харди паднале од 8/1 на 3/1, со што тој стана прв избор за улогата на главниот противник на Бонд.

„Обложувачите очигледно мислат дека Том Харди има што е потребно за да биде совршен негативец од Бонд“, рече Хил.

Во последните недели, Харди е во центарот на приказните за наводни конфликти и каприци на снимањето на „Мобленд“. Се наведува дека неговите колеги се пожалиле затоа што на снимањето донел свој кампер со шпорет на дрва, кој испуштал чад и непријатен мирис. Медиумите тврдат дека актерот речиси и да не се вратил за третата сезона од гангстерската серија по низа несогласувања со продуцентите, но на крајот се предомислил.

Улогите на негативци не му се непознати на британскиот актер, со оглед на тоа што претходно ги толкуваше Бејн во „The Dark Knight Rises“ и Џон Фицџералд во „The Revenant“. Сепак, неговата конкуренција нема да биде лесна. На платформата за предвидување Калши, Килијан Марфи беше фаворит со 29 проценти, Бари Кеоган го следеше со 23, а Идрис Елба со 19 проценти, додека на листата се наоѓаат и Адам Драјвер, Питер Динклејџ, Розамунд Пајк и Оскар Исак.

Amazon MGM Studios сè уште официјално нема објавено кој ќе го игра негативецот. Снимањето на првиот филм за Бонд со Патинсон треба да започне следната година, поради што нема многу време за распределба на другите улоги.

Патинсон стана новиот Џејмс Бонд откако филмското студио официјално објави дека ја презема улогата од Даниел Крег. Филмот ќе го режира Денис Вилнев, според сценарио на Стивен Најт, продуценти се Ејми Паскал и Дејвид Хејман, а извршен продуцент е Тања Лапоант.

„Оваа улога претставува чест на целиот мој живот“, рече Патинсон.