– Одлуката за почеток на преговори веќе е донесена од страна на Советот на ЕУ, и сега треба да дојдеме до решение за усвојување на Преговарачката рамка, и ова е само прашање на време. Ова е ставот на Чешка по ова прашање, и се надевам дека ова е позицијата на целата ЕУ оти Македонија и Албанија треба да ги отпочнат преговорите што е можно побрзо. Правиме се за да се дојде до решение за почеток на преговори. Се надевам дека ова ќе вроди со успех и дека ќе видиме резултати пред крајот на годинава, оцени чешкиот амбасадор.
Тој потсети дека Чешката Република целосно ја поддржува Македонија од самиот почеток на процесот на пристапување во Европската Унија.
– Сметам дека сите овие посети на европски претставници, се уште една потврда дека Македонија има силна поддршка од европските држави и прашањето не е дали, туку кога ќе се случи тоа. И сите се надеваме дека тоа ќе се случи што е можно поскоро. Исто така, треба да бидеме реалистични, знаеме дека во Бугарија има техничка влада и тоа го отежнува изнаоѓањето решение, но ние не се предаваме, рече Томан.
Амбасадорот посочи дека даваат силна поддршка на сите оние кои се вклучени во разговорите за изнаоѓање решение меѓу Скопје и Софија.
– Нашата позиција е преговорите да започнат што е можно побрзо, со надеж пред крајот на годинава. Нашите колеги од Словенија работат напорно, претходното преседателство со ЕУ исто така ги вложи сите напори за ова прашање и треба да постигнеме договор за ова прашање, посочи чешкиот амбасадор Томан.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Вархеји оваа седмица го посетија Скопје. Фон дер Лајен изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на годинава. Вархеји, пак, вчера на Твитер напиша дека со премиерот Зоран Заев разговарале како да го придвижат напред процесот на проширување преку отворање преговори со Македонија и со Албанија.