Разорно торнадо ја погоди западна Сицилија, при што две лица се тешко повредени, а во неколку градови е причинета голема материјална штета. Вртлогот превртувал автомобили и камиони, оштетувал згради и корнел далноводи. Шефот на цивилната заштита на Сицилија вели дека никој не памети невреме со таква сила.

Невремето започнало како двоен вртлог над морето, во близина на пристаништето во Марсала, а потоа навлегло на копното. Најтешките последици се забележани во Петрозино и Марсала, додека штети се пријавени и во Мазара дел Вало.

Две лица биле сериозно повредени во близина на Петрозино, откако торнадото го зафатило автомобилот во кој се наоѓале и го исфрлило од патот. Во Марсала, силниот ветер превртувал автомобили и камиони, оштетувал станбени објекти и корнел далноводи. Според локалните медиуми, една куќа е целосно уништена.

Голема штета претрпело и училиштето „Алчиде де Гаспери“ во населбата Теренове во Марсала. На снимките објавени од италијанските медиуми се гледаат искршени прозорци и делумно урнат таван.

Спасувачките екипи и службите за итни интервенции се на терен, каде што ги расчистуваат урнатините и работат на санирање на штетите.

Салваторе Кочина, шеф на Агенцијата за цивилна заштита на Сицилија, го опиша невремето како исклучително силно.

„Беше речиси како американско торнадо; никој не памети нешто со таков интензитет“, изјави Кочина за Ројтерс.

Тој потсети дека Цивилната заштита уште во септември предупредила на можноста од екстремни временски појави во текот на есента. Според Кочина, еден од факторите за ваквите невремиња е големото количество топлина што се акумулирало во морето по исклучително жешкото лето.

„Ова уште еднаш го истакнува проблемот со екстремните временски настани, кои станаа карактеристика на последните години поради климатската криза“, додаде Кочина.

Претседателот на регионот Сицилија, Ренато Шифани, најави издвојување посебни средства за итни интервенции и помош во погодените подрачја.

Опасноста сè уште не е помината. Метеоролошкото предупредување останува на сила и за утре, кога на Сицилија се очекуваат нови дождови и невреме.

Во меѓувреме, италијанското копно се соочува со друг екстремен временски бран, кој предизвика апокалиптични поплави во Неапол и регионот Кампанија. Поројните дождови ги претворија улиците во реки, а властите итно ги затворија училиштата во 46 општини. Пожарникарите спасуваат возачи заглавени во надојдените води.