Тоше, Андреј од ДНК и Кочани

Време невреме. Вечерва гледав фудбалски натпревар каде фубдалот ми беше во втор план. На теренот фудбалски меч со трилер завршница, во моите мисли Кочани, жртвите, ДНК…

Пишува: Никола Николовски

Вечерашиот фудбалски натпревар меѓу Македонија и Велс кај мене разбуди една постара меморија. Ме потсети на натпреварот меѓу Македонија и Андора на 17 октомври 2007 година кој се одигра само еден ден по смртта на Тоше. Идентично чувство на засенет фудбалски натпревар, на многу измешани емоции, чувство на ПРАЗНИНА имав и вечерва. Празнина… Веројатно тој збор најдобро го опишува она што е во нашите срце во моментов додека ја преживуваме оваа колективна траума.

Пред 18 години, а како вчера да беше кога Горан Пандев ги предводеше момците на тешкиот натпревар каде фудбалерите излегоа со маичките „Тоше секогаш во срце те носиме“. Истото го осетив и вечерва кога Бојан Миовски, Елиф Елмас, Столе Димитриевски и останатите момци истрчаа на теренот.

Едниот пееше „Полско цвеќе млад нека ме покрие“. Другиот, Андреј, пееше „Ако утре ме нема – немој да ме жалите“. Едниот пееше „Македонија навива за вас“, другиот пееше „Македонија на Европско“ – песна која ја одбележа нашата дружба додека бевме во Букурешт 2021 година. И двајцата си ја сакаа државата, ги помагаа сиромашните, ги бодреа фудбалерите. Беа прекрасни вокали, а како и на некој начин да ја предвидоа смртта.

Помина многу време од смртта на Тоше, а сите знаеме што и како правевме дента кога дознавме дека починал тој. Верувам дека ќе помине и многу време од денес кога сите ќе се сеќаваме што и како сме правеле кога ни кажале за трагедијата во Кочани. Ќе помине времето, но ќе остане болката, тагата, ПРАЗНИНАТА и сеќавањето.

А за фудбалот и целата трилер завршница вечерва? Што да кажам освен дека еднаш засекогаш мора да го смениме нашиот менталитет и лавовски да се бориме до крај, да одиме на победа. Како и да е, на мене барем не ми беше до фудбал. Да бидеме добри луѓе, да се сакаме, да си ја почитуваме државата, спортот, да помагаме на сиромашните. Така и двајцата нѐ учеа. Бог нека им даде сила на фамилиите кои изгубија некој во Кочани, но и здравје на повредените. Боже, чувај ја Македонија.

Боемот 2.0