Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето гостување во подкастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“ изјави дека Македонија денес е значително побезбедна држава отколку во минатото.

Тој посочи дека граѓаните веќе ја чувствуваат разликата благодарение на бројните акции кои ги спроведе Министерството за внатрешни работи.

– Мислам дека македонските граѓани прават разлика помеѓу она што го начекавме, она што го оставија овие пред нас и она кое што ние го работиме сега. Сметам дека сите оние акции кои ги спроведовме, како од аспект на борба против организиран криминал и особено висока корупција и злоупотреба на државни институции во минатото, па до акциите во делот на уличниот криминал, трговијата со дрога, трговијата со луѓе и бандите кои што ги разбивме – му даваат надеж на македонскиот народ дека можело и поинаку. Гледаат дека со посветеност, со макотрпна работа и со професионален пристап, може да се дадат вистински резултати – истакна Тошковски.

Министерот објасни дека клучот за намалување на криминалот лежи во неселективната примена на законот и професионалниот пристап во секој случај.

– Едноставен е одговорот. Кога сте неселективни во примената на законите и кога професионално си ја извршувате работата – без разлика дали станува збор за прекршок или кривично дело – тогаш резултатите се видливи. Мислам дека покажавме дека можело и поинаку. Разликата е јасна, видлива и се надевам дека ќе имаме капацитет и сила да продолжиме да чекориме со истото темпо – додаде тој.

Тошковски говореше и за проектот Сејф Сити, нагласувајќи дека со негова целосна имплементација ќе се постигне поголема дисциплина на граѓаните во сообраќајот.

– Искрено, многу верувам во проектот Сејф Сити. Кога ќе го имплементираме ова решение, убеден сум дека за многу кратко време ќе го смениме менталитетот и односот на граѓаните во делот на почитување на сообраќајните правила. Со овој систем, нема да постои можност за избегнување казна – рече министерот.

На крајот од гостувањето, Тошковски стави акцент и на дигитализацијата како клучна алатка за модернизација на институциите и подобрување на услугите за граѓаните.

– Дигитализацијата е еден од основните пилари кои што ги воспоставивме уште при отпочнување на целокупната реорганизација во Министерството. Посветивме многу внимание за да се дигитализираат сите процеси со цел да ги убрзаме постапките, да го исклучиме човековиот фактор во донесувањето на одредени одлуки и да се избегне селективност во постапувањето. Така, значително ќе се подобрат и услугите кон граѓаните. На пример, овозможуваме издавање на уверение за државјанство или дозвола за оружје преку електронски пат. Целата постапка ќе се води дигитално. Верувам дека дигитализацијата е клучен пилар за модернизација на сите процеси и подобрување на услугите што ги нуди не само МВР, туку и целата влада – нагласи Тошковски.