Постојано сме присутни на терен, како МВР, така и останатите институции и ве уверувам дека за секој што е поврзан со еколошки криминал ќе следуваат соодветни дејствија и од наша страна, а сметам дека во иста насока ќе продолжат и обвинителството и судството, рече денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Во врска со трајно решавање на проблемот со депонијата Вардариште, министерот истакна дека за тоа мора да се делува во повеќе насоки, бидејќи станува збор за неколку децениски проблем.
– Прво мора да видиме како да се направи дислокација на околу 200 луѓе, кои живеат на тоа подрачје, па потоа да се решава проблемот со отпадот – рече Тошковски.
Во врска со хаваријата што се случи во саботата со палењето на магацините за електронски отпад во Трубарево, Тошковски рече дека на терен биле екипи од повеќе институции. Консултирале и странски експерти за да знаат како да постапуваат, бидејќи Македонија прв пат се соочува со ваков вид еколошка катастрофа.
– Институциите да си ја работеле работата како што треба во изминатиот период, во врска со дозволите и соодветното работење на погонот за електронски отпад, немало да дојде до ова што се случи. Факт е дека институциите во Македонија повеќе од 30 години се деградирани, уништувани, раководени од несоодветен кадар, нефокусирани на нивните надлежности. Должни сме овој случај да го истражиме како што треба, а тоа треба да го направат и сите останати институции, во однос на дозволите, во однос на соодветното постапување со ваков тип на отпад. Сè треба да биде согласно највисоките стандарди – рече Тошковски.
Тој додаде дека после пожари убидот се почнува во рок од 24 до 48н часа по целосното гаснење, па така ќе биде и со увидот по пожарот во Трубарево. Тошкоски нагласи дека ова прашање заслужува најдлабока анализа.
Тошковски потврди дека 4 лица се повикани на информативен разговор, а дел од нив се под мерки предложени од јавен обвинител.
– Будни сме, присутни сме, МВР ги презема сите потребни дејствија. За секој за кој ќе има докази дека учествувал во ваков тип на криминал ќе следуваат соодветни пријави. Граѓаните заслужуваат безбедна и чиста Македонија – изјави Тошковски.
Додаде и дека истрагата ќе оди „најдлабоко до каде што може“ и ги повика сите институции, особено Министерството за животна средина, да се вклучат во преземање мерки.