Кога ја констатиравме фактичката состојба во Гостивар, дека општината нема ниту капацитет, ниту технички ресурси, ниту знаење да може да се справи со еден таков проблем, веднаш интервениравме. По насока на на премиерот, а во согласност со сите потребни процедури преку Група за проценка, Управувачки комитет, Владата донесе одлука со која прогласи кризна состојба на територија на општина Гостивар поврзана со решавање на проблемот со водата, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Ова е одличен пример каде што покажавме дека сме многу поразлични од претходно. Многу поразлични. Што правеле претходно? Претходно, кога ќе добиеле одредени информации од овој карактер, ги ставале под тепих и никој од граѓаните, и покрај тоа што имале доказ дека станува збор за контаминирана вода од било кој аспект, таквата информација не била соопштена на граѓаните и сите биле изложувани на ризик. Ние за оној временски период за којшто беше потребно за да дојдеме до чиста вода за пиење, максимално бевме фокусирани на овој проблем и го решивме. Не можевме да го решиме за ден, два, три, потребни беа месец дена, рече тој во интервју во Тема на денот на ТВ Сител.
Тошковски изрази голема благодарност до стручните луѓе, професионалците од ЈП Водовод Скопје коишто во соработка со градоначалникот на град Скопје беа достапни 24/7 за решавање на овој проблем, и кои, како што рече, нашле техничко решение и секојдневно, макотрпно беа на лице место со дел од стручните служби на Јавното претпријатие во Гостивар.
Во однос на тоа дали има нови моменти во истрагата, Тошковски рече дека Јавното обвинителство ги презема сите неопходни чекори.
-Убеден сум дека Јавното обвинителство сака да упати една порака на правичност и превентивност за во иднина на никој повторно да не му текне со негрижа и несовесно работење да ги доведе граѓаните во ситуација каква што беа гостиварчани, рече тој.
Во однос на тоа дека тој остро го критикувал Обвинителството за случајот „Мазут“, и дека кога истрагата била затворена по една година, кажал дека случајот не е всушност затворен и дека може да се најде начин тој повторно да се врати во живот, рече дека секогаш може да има нови докази што може да доведат до поинаква фактичка состојба
-Правник којшто има положено кривично право испит на основни студии, да го прашате какво мислење има од аспект на res judicata во дел на кривична постапка, односно завршена работа во рамки на кривична постапка и неможност за преотварање на предмет, ќе ви каже дека такво нешто не постои. Зошто? Заради тоа што секогаш може да има нови докази коишто може да доведат до поинаква фактичка состојба од онаа којашто била утврдена согласно претходните докази коишто ги имале. Може да има одредени факти и околности коишто доколку не биле замижувани – дали намерно или ненамерно, не знам, ќе покаже времето – а коишто би требало да доведат до многу поинаква одлука од онаа што била донесена, истакна тој.
Потсети оти говорел за овој предмет поради тоа што бил згрозен од одлуката што била донесена од страна на ЈО за организиран криминал во тој момент, имајќи ги предвид информациите коишто ги имал добиено од страна на истражителите кои работеле на тој предмет во рамки на МВР и во рамки на самото Јавно обвинителство.
-Врз основа на информациите коишто ги имам за основаноста на сето она што беше работено од страна на МВР и од страна на ЈО до пред месец и пол-два, до моментот додека беше соопштена одлуката, го соопштив она што го соопштив во јавноста. И останувам 100 проценти во целост на истото она што сум го кажал. Таму работата ниту е завршена, ниту пак со вакви докази може да биде завршена. Да оставиме времето да каже како ќе тече процесот во врска со конкретниот кривично-правен предмет којшто вие ми го поставивте прашањето. Ова не го зборувам заради тоа што, пак ќе повторам, сум гледал на гравчиња, туку заради тоа што фактите и информациите ми се директно дадени од професионалци кои работеле на овој предмет, истакна Тошковски.
Извор: Курир
