Миграцијата и граничната безбедност не можат да се третираат како предизвици на поединечни држави, туку бараат заеднички европски одговор, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Форумот на шефови на гранични полиции од Западен Балкан што се одржува во Скопје.
Форумот, во рамки на Берлинскиот процес, се одржува на 26 и 27 август, а на него учествуваат претставници од земјите од регионот, членки на Европската Унија и Обединетото Кралство, како и претставници на Меѓународната организација за миграции и други европски, регионални и меѓународни партнери.
Тошковски истакна дека миграцијата останува едно од клучните прашања на современото време, додека Западен Балкан има двојна улога – како транзитен регион и како значаен партнер во европскиот одговор на миграциските и безбедносните предизвици.
„Притисоците од нерегуларните миграциски текови, експлоатацијата на ранливите категории од страна на криминалните мрежи и оптоварувањето на институциите не се предизвици ограничени на една граница, една земја или еден регион. Тие се европски и глобални“, рече Тошковски.
Министерот нагласи дека за воспоставување заеднички европски простор на безбедност и доверба потребни се конкретни механизми за соработка, а не само декларативни заложби.
Говорејќи за Берлинскиот процес, Тошковски посочи дека тој не претставува кратенка до членството во Европската Унија, туку платформа преку која државите од Западен Балкан ја покажуваат својата подготвеност и усогласеност со европските стандарди.
„Европската безбедност не завршува на надворешните граници на Европската Унија. Таа се гради преку стабилни и безбедни партнери, преку заеднички политики и преку способноста на сите нас да придонесуваме кон справувањето со предизвиците што ја засегаат Европа како целина“, порача министерот.
Тошковски изрази задоволство што Македонија е домаќин на форумот, а воедно упати благодарност до Владата на Обединетото Кралство и Мисијата на ИОМ за поддршката во неговата организација.
На крајот од обраќањето, министерот порача дека форумот треба да биде искористен не само за размена на искуства, туку и за утврдување заеднички приоритети и продлабочување на соработката во областа на граничната и европската безбедност.
