Секое прваче во Кисела Вода ќе добие анатомски ранец и прибор, без пријавување и административни услови

И оваа година секое прваче во Кисела Вода ќе добие анатомски ранец и комплет училишен прибор, соопштија од Општината. Општина Кисела Вода ја продолжува традицијата која, според властите, станала пример и за други општини во Македонија.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека околу 600 деца од осум основни училишта ќе добијат сè потребно за првиот училишен ден.

„Околу 600 дечиња од осумте основни училишта на територија на општината, кои годинава за првпат ќе седнат во училишните клупи ќе добијат ранче, тетратки и сè што им е потребно за успешно да го започнат своето образовно патување. Проектот што за првпат го започнавме токму кај нас, денес е пример што се прошири речиси низ цела Македонија. Го креиравме со цел да им дадеме вистинска поддршка на семејствата. Првиот училишен ден е посебен момент, исполнет со радост, возбуда и гордост и за децата, но и за родителите. Тој ден треба да остане во сеќавање по детската насмевка, а не по финансиските грижи. Затоа, ги известувам сите родители дека нема потреба да купуваат ранци и прибор“, истакна Ѓорѓиевски.

Од Општината појаснуваат дека мерката важи за сите првачиња без разлика на услови или административна процедура.

„Нема никакви критериуми, ниту административни процедури – оваа мерка важи за сите првачиња во Кисела Вода“, соопшти Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека минатата година лично присуствувал на првиот ден на настава и се сретнал со ученици и родители.

„Минатата година имав чест лично да ги доживеам тие моменти – детски прегратки, насмевки и среќа што се памети. Оваа година очекувам уште повеќе радост! Влогот во најмладите е влог во иднината на Македонија“, изјави градоначалникот.