Ф-4 Фантом се урна во близина на Танагра додека илјадници гледачи го следеа авијацискиот спектакл; шоуто веднаш беше прекинато

Двајца пилоти на грчкото воено воздухопловство загинаа откако борбен авион „F-4E Phantom II“ се урна за време на авијацискиот спектакл „Athens Flying Week“ во близина на Танагра, северно од Атина.

Несреќата се случила во 14:55 часот, само неколку минути откако авионот започнал со својот настап. Авионот паднал во близина на воената воздухопловна база Танагра, пред илјадници гледачи кои го следеле спектаклот.

Од грчкото воено воздухопловство е потврдено дека загинале двајцата членови на екипажот. Причините за несреќата ги истражува надлежна комисија.

Според грчките медиуми, постојат индикации дека пилотите не го активирале системот за катапултирање. Се истражува и можноста тие во последните моменти да се обиделе да го насочат авионот подалеку од публиката и населените места. Овие информации засега се предмет на истрага.

По падот следувала силна експлозија и избувнал пожар, при што над местото се издигнал густ црн чад. Огнот се проширил кон околните земјоделски и шумски површини, а бил зафатен и објект во близина на индустриска зона.

Извор: Плусинфо