Албанскиот премиер Еди Рама денеска ја повика Европската Унија да воспостави нов пристап кон земјите од Западен Балкан. Според него, постепеното вклучување во европските механизми е најреалниот начин Албанија да се приближи до Унијата, при што оцени дека на земјата не ѝ е потребно право на вето за да добие место на европската маса.
Рама ги изнесе овие ставови на форумот „Intelligence on the World, Europe and Italy“, каде што говореше на панелот „Агенда за Европа“. Тој ја поддржа идејата за постепена интеграција, според која земјите-кандидатки најпрво би биле вклучувани во конкретни области од европската интеграција.
Како почетни точки во процесот, албанскиот премиер ги посочи заедничкиот пазар, универзитетите, научните истражувања и другите механизми за соработка. Според неговиот предлог, кандидатите би се вклучувале во овие области без да мора да го чекаат стекнувањето полноправно членство во Европската Унија.
Рама смета дека отстранувањето на правото на вето како елемент на членството би го олеснило процесот и за Европската Унија и за земјите од Западен Балкан.
„Искрено, не верувам дека некогаш ќе има место за нас во Европската Унија ако нешто не се промени во рамките на Европската Унија. Значи, не верувам дека 2027 година среќно ќе нè чека со нашето право на вето, не верувам во тоа. Не верувам дека во некои главни градови ќе имаат можност да одат и да ѝ кажат на јавноста: „Луѓе, ја примаме Албанија со нејзиното право на вето““, рече шефот на албанската влада, пренесе АТА.
Образложувајќи го својот став, Рама порача дека постепената интеграција е единствениот начин за влез во Европската Унија и дека процесот треба да почне од практичните области во кои е можно вистинско и искрено поврзување.
„Затоа верувам дека постепената интеграција е единствениот начин да се влезе во Европската Унија и да се започне од вистинскиот и искрениот дел, а тоа е заедничкиот пазар, што е дел од единствената Европа на универзитетите, науката и сите други многу важни елементи“, рече Рама.
Премиерот нагласи дека за присуство на масата на Европската Унија не е неопходно земјите-кандидатки да располагаат со право на вето, туку да добијат пристап до сите прашања што се разгледуваат.
„Не ни треба право на вето за да седнеме на маса. Ни треба сè да биде на маса. И како Европеец сум против тоа. И тоа е всушност, ова е дебатата“, нагласи Рама.
Тој го опиша ветото како една од психолошките пречки што би можеле да бидат отстранети преку реформирање на методот на европска интеграција. Според него, потребно е да се промени редоследот на процесот, така што земјите-кандидатки постепено би станувале дел од Унијата во областите во кои ги исполниле критериумите.
„Седумте деца на Урсула мора да ги исполнат сите критериуми, мора да ги следат правилата за секое поглавје и мора да го издржат целиот процес на машинеријата од 35 илјади жени и мажи, што е најбирократската машинерија што човештвото ја создало. Она што мора да се промени е редоследот на дејствување: не прво 33 поглавја, а потоа политичката одлука. Сите 7 деца, вклучително и Украина, мора да бидат околу масата како децата на Урсула. Како деца, тие мора да ги слушаат својот татко и мајка, Франција и Германија, потоа тетка Италија и другите. Но, тие мора да бидат таму во Советот на ЕУ, околу таа маса, додека ги исполнуваат критериумите според правилата, секое поглавје што го склучуваат ги прави членови во рамките на тоа поглавје“, подвлече премиерот на Албанија.
Рама го илустрираше предлогот со поглавјата што се однесуваат на науката, културата и образованието, наведувајќи дека нивното затворање треба да им овозможи на кандидатите членство и еднакви права во тие конкретни области.
„Ако го затворите поглавјето за наука, култура, образование, за тоа станувате член и имате исти права. Секој што треба да земе повеќе од масата, дава повеќе на масата, но мора да биде присутен“, рече Рама во својот говор на форумот.
