Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски вечерва информираше дека ДПИ спроведува надзори по одлуката на Владата за намалување на одредени производи и повика граѓаните да пријават неправилности.
– Во моментов пазарниот инспекторат спроведува надзори по одлуката на Владата, што се однесува на намалување на одредени производи, за најмалку 10%, сметано од цената на производите по која се продавале на 1 август. Нашите надлежности кои произлегуваат од оваа одлука се контрола на цените на производите кои се наведени во одлуката, појасни Трајковски.
Тоа значи, додаде, дека ако се забележи прекршување на одлуката, ќе се постапува во согласност со Законот за трговија, а казните се во висина од 800 – 10.000 евра, во зависност од големината на субјектот.
– Дополнително, контролираме дали е доставен рабат најмногу до 5%, и дали трговците на големо доставуваат стоки и производи во количина од 70% во согласност со доставата извршена во месец август 2023 година. Ја поздравувам оваа одлука и поддржувам се што се прави во интерес на граѓаните, подвлече директорот.
Она што ја го забележав, додаде, е дека цените се намалени на производите опфатени со одлуката, а тоа се над 1.000 производи во 25 категории.
– И добро е што трговците покажаа разбирање и позитивна волја за намалување на цените. Дополнително, дадовме време трговците да ги усогласат цените со одлуката и денес ги проверуваме само поголемите ланци на маркети. Од утре контролите ќе бидат засилени и ќе ги контролираме и трговците на големо и трговците на мало, дециден беше Трајковски.
Трговците имаат и обврска да ги означат намалените производи со ознаката „гарантирана цена”, која може да ја преземат од веб-страницата на Министерството за економија.
-Потенцирам, дека како и досега ќе се постапува без селекција и нема да има никаков компромис затоа што е во прашање заштитата на стандардот на граѓаните. Секој, кој прекршил закон, а е во наша надлежност, ќе одговара во согласност со сторениот прекршок. Одлуката е јасна и нема да има отстапување. Јас ви гарантирам, дека оној што нема да ја почитува одлуката, ќе биде казнет, а ако има потреба и ќе се затвори субјектот, истакна Трајковски.
Тој апелираше трговците да ги намалат цените и на останатите производи.
– Нема потреба постојано да се чекаат одлуки на Влада или на други институции за да се излезе во пресрет на граѓаните. Ги повикувам граѓаните да пријавуваат неправилности во пазарниот инспекторат и на бројот 02 191 кој е достапен за гласовни пораки 24/7, нагласи директорот во изјава за медиумите.
Стотици прехранбени производи од денеска до 30 ноември годинава во маркетите треба да имаат за најмалку 10 отсто пониски цени отколку што се продавале на 1 август. Граѓаните ќе можат да ги препознаат според ознаката „гарантирана цена“. Одлуката за поевтинување на прехранбените производи за 10 отсто и замрзнување на намалените цени ја донесе вчера Владата на седница, а според најавите од министерот за економија Крешник Бектеши, листата со производи ќе се прошири следната недела.