Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Вашингтон ќе побара од европските земји да ги надоместат трошоците за воената помош и муницијата што претходно биле испратени во Украина. Тој тврди дека Украина и НАТО добиле помош во вредност од стотици милијарди долари без надомест и дека САД сега ќе инсистираат финансискиот товар да го преземе Европа.
Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп наведе дека администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден ѝ дала на Украина огромни количества муниција, без таа да плати за нив.
Според американскиот претседател, станува збор за „стотици милијарди долари“, кои, како што тврди, европските земји би ги платиле доколку тоа било побарано од нив.
– Ќе ги побараме тие пари, иако со извесно задоцнување – порача Трамп.
Истовремено, тој ги отфрли извештаите според кои американските резерви на муниција се сериозно намалени како последица на воената операција против Иран.
Трамп тврди дека САД во моментов го зголемуваат производството на муниција и формираат нови резерви наменети за сопствените потреби.
– Ние ги задржуваме за себе, за САД, наместо да ги продаваме на други, но продажбата на сојузниците наскоро повторно ќе започне – напиша американскиот претседател.
Овие изјави доаѓаат во период кога во Вашингтон се зголемува загриженоста за состојбата на американските залихи на оружје поради војната со Иран.
Ројтерс претходно објави дека американската армија во текот на конфликтот потрошила значителен дел од резервите на високопрецизни ракети со долг дострел. Таквата состојба отвори прашања за подготвеноста на американските вооружени сили да одговорат на евентуални идни конфликти.
Вашингтон, во меѓувреме, веќе располага со механизми преку кои европските сојузници можат да го финансираат американското оружје наменето за Украина. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во јуни изјави дека Украина купува муниција што ја плаќа Европа.
Сепак, најновата најава на Трамп се однесува и на ретроактивно барање надомест за американската воена помош што била испратена претходно. Засега не е соопштено колкава точно би била сумата, кои европски држави би биле опфатени со барањето и на кој начин Вашингтон би ја побарал наплатата.
Изјавата на Трамп е уште еден сигнал дека неговата администрација настојува европските сојузници да преземат поголем дел од финансискиот товар поврзан со поддршката за Украина.
