Претседателот на САД, Доналд Трамп го обвини Иран дека стои зад нападите на јеменските бунтовници Хути врз два саудиски нафтени танкери во Црвеното Море и порача дека Техеран ќе се соочи со „голема воена казна“ доколку нападите продолжат. Новата закана доаѓа во период на растечки тензии на Блискиот Исток, кои почнаа да создаваат последици и врз една од клучните светски поморски рути за транспорт на енергенси.

Стравувањата дека нарушувањата во поморскиот сообраќај би можеле да се прошират и на Црвеното Море предизвикаа значителен раст на цените на нафтата на светските пазари. Цената на суровата нафта „брент“ се зголеми за повеќе од шест проценти и надмина 100 долари за барел, што е првпат вакво ниво да биде достигнато од мај.

Заканата на Трамп уследи две недели по прекинот на привременото примирје, по што американската војска изврши нови ноќни воздушни напади врз Иран. Техеран потоа возврати со напади врз соседни арапски земји каде што се распоредени американски воени бази.

Откако Хутите соопштија дека нападнале два саудиски танкери, Трамп порача дека САД ќе го сметаат Иран за одговорен за сите нивни идни напади.

„Ако тоа повторно го направат, САД ќе го сметаат Иран за одговорен, бидејќи Хутите се ирански посредници и сојузници, а на Иран и, секако, на самите Хути ќе им биде изречена голема воена казна“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

Хутите, кои го контролираат северниот и западниот дел на Јемен, претходно објавија дека воведуваат поморска блокада за Саудиска Арабија. Саудиското кралство преку нафтовод пренасочува милиони барели нафта дневно кон Црвеното Море за да го избегне влијанието на иранската блокада врз извозот на нафта преку Ормуската Теснина.

Рубио предупреди дека цената за Иран ќе расте

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Иран ќе се соочува со сè поголема цена доколку не прифати и не почитува мировен договор.

На дипломатски собир во Југоисточна Азија, Рубио рече дека Техеран повеќепати барал договор, но дека потоа ги прекршувал постигнатите договори или барал нивна промена.

„Иран секој ден моли за договор. Проблемот е што секогаш кога ќе постигнат договор, тие или го прекршуваат или сакаат да го менуваат. Можеби ќе се предомислат во следните неколку дена, бидејќи и натаму трпат големи загуби“, рече Рубио.

Хутите соопштија дека нападите врз саудиските танкери „Енселија“ и „Лајла“ биле извршени со ракети и беспилотни летала.

Нивните дејствија би можеле да доведат до затворање на теснецот Баб ел-Мандеб, познат и како „Врата на солзите“. Овој поморски премин го контролира пристапот од Црвеното Море кон Индискиот Океан и претставува втора најважна светска рута за транспорт на енергенси, веднаш по Ормуската Теснина.

Според податоците за поморскиот сообраќај, два кинески супертанкери, кои во моментот превезувале вкупно четири милиони барели нафта, се обидувале да го напуштат Црвеното Море преку теснецот Баб ел-Мандеб.

Во меѓувреме, Иран соопшти дека извршил напади врз американски ракетни системи, складишта за оружје и гориво во Јордан, како и врз американски воени позиции во Кувајт.

Портпаролот на иранската армија, генерал Мохамад Акраминија, изјави дека Иран ќе продолжи со возвратните напади сè додека САД ги напаѓаат неговата инфраструктура и крајбрежните подрачја, објави иранската државна телевизија.