Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „си игра со оган“ и дека без неговата вмешаност, Русија досега ќе се соочела со многу сериозни последици. Изјавата ја објави на својата социјална мрежа Truth Social, нагласувајќи дека „навистина лоши работи“ ќе ѝ се случеле на Русија доколку тој не реагирал порано.

„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека да не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, и мислам навистина лоши. Тој си игра со оган“, напиша Трамп на 25 мај.

Санкции или повлекување од преговорите?

Според неименувани извори на The Wall Street Journal, Трамп сериозно размислува да воведе нови санкции кон Русија. Други извори брифираат дека целосно ќе се повлече од мировните преговори за Украина. Причината е фрустрацијата од интензивирањето на руските напади врз Украина и спорото темпо на мировниот процес.

Трамп со остри критики кон Путин, но не го поштеди ниту Зеленски

Изворите наведуваат дека Трамп верувал оти личниот однос со Путин ќе помогне во постигнување прекин на огнот. Сепак ситуацијата драматично се променила по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери минатата недела, кога Путин одбил да потпише договор.

Критики по нападите од 24 мај

Острата реторика на Трамп доаѓа по најинтензивниот руски напад врз Украина од почетокот на војната, кога на 24 мај беа користени десетици дронови и ракети. Нападите уследија само неколку дена по мировните разговори во Истанбул, одржани на 16 мај, кои очигледно не вродија со плод.

„Отсекогаш сум имал многу добар однос со Владимир Путин, но нешто му се случи. Тој целосно полуде“, истакна Трамп во својата објава.

Непредвидлива динамика

Изјавите на Трамп сигнализираат потенцијална промена во американската стратегија кон Русија. Доколку дојде до нов бран санкции или до повлекување на САД од мировниот процес, тоа би можело значително да влијае врз текот на конфликтот во Украина.