Претседателот тврди дека Техеран се откажува од нуклеарната програма

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД веќе водат разговори за завршување на војната со Иран и дека, според него, постои согласност Техеран да се откаже од нуклеарната програма.

Тој во разговор со новинарите во Овалната соба нагласи дека неговата администрација комуницира со, како што рече, релевантни соговорници од иранска страна.

„Разговараме со вистинските луѓе“ во Иран и „тие очајно сакаат да склучат договор“, изјави Трамп.

Тој додаде дека во процесот се вклучени потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.

Тврдења за воен успех и „промена на режимот“

Американскиот претседател повтори дека операцијата на САД била успешна и дека значително ја ослабнала иранската структура.

„Го убивме целото нивно раководство, а потоа се состанаа за да изберат нови лидери и ги убивме сите … Сега имаме нова група … да видиме како ќе се покажат“, рече Трамп.

Тој истакна дека нападите врз Техеран довеле до „промена на режимот“, но во исто време нагласи:

„Не му верувам на никого.“

Според него, Иран се согласил дека никогаш нема да има нуклеарно оружје.

Без одговор за можно распоредување трупи

Иако во јавноста се појавија информации дека Пентагон разгледува испраќање американски трупи во Иран, ова прашање не било отворено на разговорот со новинарите.

Трамп не беше прашан за тоа, ниту самиот го спомена евентуалното распоредување на сили.

На прашањето за исходот од конфликтот, тој одговори:

„Оваа војна е добиена.“

Коментирајќи ја улогата на земјите од Персискиот Залив, Трамп изјави дека Обединетите Арапски Емирати биле „одлични“, а и Катар го опиша како „одличен“.