Поморскиот премин станува клучен за меѓународната трговија со нафта и гас

Контролата над Ормуската Теснина, еден од најважните поморски премини за глобалната трговија со нафта и гас, повторно е во фокусот на меѓународните дипломатски напори. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле да соработуваат со Иран за обезбедување на безбеден поморски сообраќај.

– Размислуваме да го направиме тоа како заеднички проект – рече Трамп во интервју за Еј-Би-Си Њуз, додавајќи дека тоа е начин да се обезбеди преминот „и од други закани“, без да наведе дополнителни детали.

САД и Иран во текот на ноќта постигнаа двонеделен прекин на огнот, при што Техеран се согласи привремено да ја отвори Ормуската Теснина под одредени услови. Иран и натаму ја задржува контролата врз сообраќајот низ овој стратешки премин.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека безбеден премин би бил возможен во рок од две недели, во координација со вооружените сили и „со должно внимание на техничките ограничувања“.

Во меѓувреме, сервисот за следење бродови „МаринТрафик“ објави дека сообраќајот низ Ормуската Теснина повторно се зголемува, што укажува на постепено нормализирање на преминот.