Трамп со предлог

Американскиот претседател Трамп предлага Појасот Газа да биде под американска контрола. Тој предлага да го преземат управувањето, да го развијат економски и да го претворат во блискоисточна ривиера населена со луѓе од светот. Шефот на Белата Куќа на средбата со израелскиот премиер Нетанјаху одново предложи трајно преселување на Палестинците во соседните земји.

„Единствената причина зошто Палестинците сакаат да се вратат во Газа е затоа што немаат друга алтернатива. САД ќе го преземат Појасот Газа, а ние ќе работиме и со него. Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Нетанјаху се огласи за идејата

Израелскиот премиер оцени дека Трамп размислува оригинално. Рече дека вреди да се обрне внимание на идејата на американскиот претседател, која би можела да ја промени историјата.

„Израел ќе ја заврши војната со победа. Победата на Израел ќе биде победа на Америка. Ние не само што ќе ја добиеме војната работејќи заедно, ќе го добиеме и мирот. Со вашето водство, господине претседателе, и нашето партнерство, верувам дека ќе создадеме блескава иднина за нашиот регион и ќе го доведеме нашиот голем сојуз до уште поголеми височини“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Хамас ја отфрли идејата

Од Хамас ја отфрлија идејата на Трамп како смешна и потенцираа дека ваквите планови се рецепт за хаос. Од Саудиска Арабија повик за признавање на државата Палестина и мобилизирање на меѓународната заедница за поддршка на правата на палестинскиот народ, изразени во резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Министерството за надворешни работи потврдува дека позицијата на Кралството Саудиска Арабија за формирање на палестинска држава е цврста и непоколеблива. Саудиска Арабија ќе продолжи со своите немилосрдни напори за формирање независна палестинска држава со главен град источен Ерусалим и без тоа нема да воспостави дипломатски односи со Израел“.

Предлогот на Трамп предизвика бура на реакции

Австралискиот премиер вели дека продолжува поддршката за решението за две држави.

„Позицијата на Австралија е иста како што беше утрово, како што беше минатата година и беше пред 10 години. Австралиската влада поддржува, на двопартиска основа, решение со две држави на Блискиот Исток“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.

Во тек се преговори од втората фаза за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас која предвидува прекин на огнот за 42 дена.

Воздушни напади врз ИСИС во Сомалија: Трамп испрати силна порака

Хамас треба да ги ослободи сите преостанати заложници, кои ги држи од нападот на 7 октомври 2023 година. Израел пак, треба да ослободи претходно договорен број палестински затвореници.