Американскиот претседател вели дека и Москва и Киев сакаат крај на војната

Претседателот на САД, Доналд Трамп, оцени дека можноста за решавање на војната во Украина е поблиску отколку што јавноста мисли и најави дека ова прашање ќе биде една од темите на претстојниот Самит на НАТО во Турција.

Трамп изјави дека и Русија и Украина покажуваат подготвеност за завршување на конфликтот.

„Претседателот Путин сака ова да заврши. Ви го кажувам ова многу категорично“, истакна Трамп.

Тој откри дека за време на викендот имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој, според него, поминал во добра атмосфера.

„Тој сака да заврши ова. И Украина сака да заврши ова. И ние преговараме“, рече Трамп.

Американскиот претседател додаде дека и украинскиот претседател Володимир Зеленски е заинтересиран за што поскоро завршување на војната.

„Зеленски сака ова да заврши сега“, изјави Трамп.

Очекува напредок на Самитот на НАТО

Трамп изрази уверување дека на Самитот на НАТО во Турција ќе има можност за придвижување на процесот што би довел до крај на војната во Украина.

Според него, изгледите за изнаоѓање решение се подобри отколку што тоа во моментов го перцепира јавноста.