Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика нафтените компании да ги намалат цените на горивата, оценувајќи дека заработиле огромни суми за време на растот на цените на нафтата. Тој конкретно ги критикуваше „Шеврон“ и „ЕксонМобил“, истакнувајќи дека компаниите оствариле премногу големи профити додека граѓаните плаќаат високи цени за горивото. Трамп порача дека дел од заработката треба да им биде вратен на потрошувачите преку намалување на малопродажните цени.

„Кога една компанија заработила 12 пати повеќе од претходната година, дел од тие пари треба да им се вратат на граѓаните“, изјави тој. Американскиот претседател очекува цените драматично да се намалат по завршувањето на конфликтот со Иран.

Неговата реакција следува откако цената на нафтата од типот Брент се намали за повеќе од четири проценти, на околу 84 долари за барел. Сепак, цените на горивата во САД и натаму се значително повисоки во споредба со периодот пред почетокот на војната.