Околу шест илјади граѓани ангажирани во државните установи преку договори на дело и времени ангажмани ќе добијат решение за редовен работен однос. Новиот Предлог-закон за трансформација во редовен работен однос предвидува нивно префрлање на неопределено време, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Законското решение дефинира утврдени временски рокови за спроведување, механизам за заштита на лицата во текот на постапката, построга контрола врз идните договори и засилен финансиски надзор. Правото на трансформација ќе важи за сите кои поседуваат активен договор на денот кога законот ќе стапи на сила и чиј статус останува важечки во моментот на донесувањето на решението.

Институциите ќе бидат задолжени во рок од 90 дена од влегувањето на законот во сила да ги потпишат новите договори за вработување. Самиот процес ќе се одвива етапно, при што најмногу до 50 проценти од лицата ќе добијат решенија веднаш, додека останатата половина ќе биде трансформирана најдоцна до 31 декември 2027 година.

Од законските одредби целосно се исклучени акционерските друштва, воените и цивилните лица во служба на Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, студентските и ученичките домови, високообразовните установи и институциите од безбедносниот сектор.